Home -- Macedonian -- Perform a PLAY -- 147 (Nothing is too hard for God 2)
147. За Бог ништо не е претешко 2
Невозможно! Сосема невозможно! На Авраам сигурно во умот му се вртеле овие мисли.
Зошто? Бил многу стар, а и неговата жена Сара. Одамна Бог им ветил син. Но, на 89-годишна возраст да имаш бебе, или на 99 години да станеш татко, тоа, едноставно, е невозможно.
Дали Бог го заборавил ветувањето?
Авраам седел на влезот на својот шатор. Било пладне и многу жешко. Ненадејно, наеднаш дошле гости. Тројца мажи. Авраам се поклонил пред нив. Дали претпоставувал дека и Самиот Бог бил еден од тие мажи?
Авраам: „Господару, не патувај понатаму. Остани овде. Ќе земам вода и ќе ви ги измијам нозете. Седнете под сенката. Ќе ви подготвам јадење“.
Човекот: „Направи како што кажа“.
Авраам брзал при подготвувањето. Сара испекла лепчиња, слугата заклал теле, а Авраам послужил многу добро бедуинско јадење што почнало со матеница и свежо млеко.
Човекот: „Каде е Сара, твојата жена?“
Авраам: „Во шаторот е“.
Човекот: „Ти ја кажувам вистината. За една година, кога ќе се вратам, Сара ќе има син“.
(звук на смеење)
Сара се насмеала. Таа наслушнувала. Невозможно, помислила таа. Веќе сум многу стара.
Човекот: „Зошто Сара се смее и вели дека е невозможно за неа да има бебе? Дали нешто е претешко за Бог? За една година Сара ќе има син“.
Има ли нешто невозможно за Бог? Бог му ветил на Авраам син повеќе од десет пати. Еднаш состојбата била исклучително особена.
Божјиот глас: „Авраам, погледни кон небото и изброј ги ѕвездите. Толку потомци ќе ти дадам“.
Авраам не можел да ги изброи ѕвездите, но Му верувал на Бог. Големото небо исполнето со толку многу ѕвезди му покажало дека Бог е уште поголем. Дали нешто е невозможно за Него? Никогаш!
И замисли, кога Авраам имал 100 години, станал татко, а Сара била многу среќна мајка на 90 години.
(звук на смеење на бебе) Долго очекуваниот син го нарекле Исак.
Со Бог ништо не е невозможно. Тој е поголем од сè што можеш да замислиш. Обиди се да ги изброиш ѕвездите и тогаш ќе сфатиш дека Бог е толку многу голем.
Улоги: Раскажувач, Авраам, човек, Божјиот глас.
© Copyright: CEF Germany