Home -- Macedonian -- Perform a PLAY -- 144 (Totally in love 5)
144. Целосно вљубен 5
Хадсон Тејлор тажно ја затворил вратата. Морал да ги остави своите пријатели на островот Цунг Минг зашто љубоморни луѓе лошо зборувале за него пред високиот чиновник. Не го разбирал тоа.
Но Бог не го напуштил. Тој дури може да донесе добро од зло.
Новата адреса му била на улицата Бриџ во градот Нингпо. Радосно и таму им раскажувал на Кинезите за Исус, Спасителот.
Бог направил сè да оди кон добро. Но најдоброто допрва требало да дојде! Подобро кажано, најдобрата личност. Следната врата било мисионерското училиште. Таму предавала жена од Англија. Хадсон се вљубил во среќната наставничка, а и таа во него. Хадсон сакал да се ожени со Мери, но прво морал да ѝ признае нешто.
Х. T.: „Мери, треба да ти кажам нешто. Јас не сум богат човек. Кога ми треба нешто, тогаш Го молам Исус да ми го обезбеди тоа и Му верувам дека ќе се погрижи за мене. Немам многу пари, па ќе се омажиш ли за мене во секој случај?“
Мери: „Да! Тогаш ќе Му веруваме заедно. Не ни треба многу. Најдоброто нешто што го имаме е Исус“.
Многу пријатели дошле на свадбата.
Бог на секого кој Го сака му го дава најдоброто. Тој го ветил ова и го исполнува ветеното. Затоа Хадсон и Мери Му ги предале своите животи.
Хадсон се грижел за болните луѓе и проповедал. Мери ги поучувала децата и им раскажала на многу момчиња и девојчиња за Господ Исус. Им давала на сиромашните нешто да јадат. Хадсон и Мери секогаш имале работа. Биле многу среќни кога Кинезите почнувале да веруваат во Исус.
Секоја вечер ѕвоната ѕвонеле како покана да дојдат на службата.
И обожавачот на идоли Ни дошол кога го слушнал радосното пеење. Првпат во животот слушнал дека Исус е единствениот пат до Бог.
Ни: „Господине Тејлор, долго време ја барав вистината. Исус е вистината. Верувам во Него. Колку години вие, Англичаните, ја знаете вистината?“
Х. T.: „Неколку стотици години“.
Ни: „Што??? Толку долго??? Зошто некој порано не дојде да ни ја каже вистината овде?“
Ова прашање постојано му се вртело во умот на Хадсон. Размислувал за милионите Кинези кои сè уште не ја знаеле вистината и уште повеќе работел додека не се разболел. Потоа сакал-нејќел морал да се врати во Англија за да оздрави.
Може ли Бог да направи сè да оди кон добро кога некој ќе се разболи?
Ќе го слушнеш одговорот во следната драма. Не заборавај да слушаш!
Улоги: Раскажувач, Хадсон Тејлор, Мери, Ни.
© Copyright: CEF Germany