Home -- Macedonian -- Perform a PLAY -- 109 (Who is the thief)
109. Кој е крадецот
Семејството Јаневи ручаше. Лиле и Филип само што си дојдоа дома од училиште. Сите имаа многу нешта за кажување. Но мајка им денеска беше многу сериозна. Одеднаш таа постави едно непријатно прашање.
Мајката: „Чудно е, но вчера наутро сè уште имав над 1200 денари во мојот паричник. Денеска сакав да платам во самопослужувањето, но не можев затоа што парите ги нема. Дали некој од вас ги зел? Филип? Или ти, Лиле?“
Филип: „Но мамо, ние не сме крадци“.
Лиле: „Се разбира дека не ти ги зедовме парите“.
Мајката: „Чудно е, тогаш се прашувам каде отишле тие пари“.
Откога ја расчистија трпезата Филип и Лиле отидоа да ги завршат домашните задачи. Но Лиле чувствуваше грижа на совеста. Дури се чувствуваше и многу болно, затоа што таа ги зеде парите од паричникот на мајка ѝ.
Лиле: „Само да не ги украдев тие пари. Но зошто мама не ми даде пари за нови обетки? Всушност, јас не украдов вистински. Само ги позајмив. Ќе ѝ ги вратам еден ден“.
Но овие мисли не ѝ ја олеснија грижата на совеста.
Неодамна на детскиот час се зборуваше за крадењето. Во Библијата се вели дека крадењето е грев. А гревот е како ѕид. Разделува. Лиле можеше тоа многу јасно да го почувствува. Откога ги зеде парите, меѓу неа и мајка ѝ стоеше ѕид. И меѓу неа и Исус.
Лиле повеќе не можеше да бара изговори. И фактот дека лажеше за време на ручекот, направи сè да биде уште полошо. Немаше радост во срцето цел ден. Дури не беше среќна ни за обетките што ги имаше скриено под душекот. Кога отиде да спие вечерта почна да плаче.
Мајката: „Лиле, што се случува?“
Лиле: „Јас бев таа што ти ги украде парите. И сега сигурно не ме сакаш повеќе“.
Мајката: „Не е во ред тоа што го направи. Но правилно е тоа што најде храброст да ми кажеш. Ти простувам. Можеш да ги вратиш тие 1200 денари од твојот џепарлак. Сакаш ли да Го замолиш и Исус да ти прости?“
Лиле: „Да. Господе Исусе, жал ми е што ги украдов парите. Те молам прости ми. Ти благодарам што ме сакаш“.
Голем товар падна од срцето на Лиле. Повторно беше среќна. И најдоброто од сè: мајка ѝ и Господ Исус сè уште ја сакаат.
Улоги: Раскажувач, мајката, Лиле, Филип.
© Copyright: CEF Germany